Премини на содржината ↓

Андреј Блажевски

11 October 2020

UWC САД, 2012-2014

Поздрав! Јас сум Андреј. Учев на UWC САД во Њу Мексико од 2012 до 2014. Периодот поминат таму ќе ми остане како еден од најдрагите и најразвојни периоди во животот. Освен образованието, и можностите коишто ми ги пружи, учењето на UWC ми овозможи да се здобијам со една проширена призма низ која го гледам светот, како и одредена одговорност при напорите за негово подобрување. Воедно, ми даде неверојатна мрежа на луѓе коишто секојдневно ме инспирираат и ми го олеснуваат чувството на осаменост при соочувањето со комплексните предизвици во овој век.

Веднаш по завршување на UWC, продолжив со студии по Скулптурна Уметност и Архитектура на Колорадо Колеџ (Colorado College) во Колорадо Спрингс. Учењето во интердисциплинарен академски систем ми дозволи да соберам алатки и знаења од повеќе дисциплини и предмети надвор од мојот смер, и воедно да размислувам за тоа како тие интердисциплинарни пристапи го збогатуваат креативниот процес при креирање нови визуелни култури, физички форми, и нивни функции. Работам во маркетинг, развој на бренд стратегии и дигитални искуства, надевајќи се дека во иднина овие вештини ќе им најдам уште поголема корист при решавање на архитектонски, природни и културолошки прашања во контекст на еден оддржлив глобален систем.

Во слободно време обожавам да ги надоградувам моите кулинарски вештини, да читам и пешачам додека паралелно слушам долги саати музика. Гледам на интерперсоналните врски и комуникации како непрестан тек на жива информација која со своето движење меѓу нас луѓето води до калемење на иновативни заклучоци, идеи и решенија. Како такви, се стремам да ги гаам и сум постојано возбуден за нивниот потенцијал да вродат нови знаења и нови поводи за дејство кон подобро утре. Уживам во разговори на многу теми, од антропологија и култура, до технологија, архитектура, пак се до нашето постоење во еден голем и (сé уште) прилично тивок универзум. Доколку сакате да размениме по некој збор за UWC и повеќе, контактирајте ме на andrej.blazhevski@gmail.com.

2014  USA