Премини на содржината ↓

Често поставени прашања

За селекцискиот процес

Дали Комитетот испраќа ученици во сите 18 UWC колеџи? 

Досега, Македонскиот национален комитет има испратено ученици речиси во сите колеџи. Секоја година Комитетот располага со различен број места за различни UWC колеџи кои се соопштуваат за време на втората фаза од селекцискиот процес.

Дали јас би бил/а на колеџ со други Македонци? 
 

Зависи! Скоро секогаш, од сите колеџи кои ни нудат место таа година, комитетот добива најмногу една понуда годишно од конкретен колеџ. Тоа значи дека ти би бил/а единствениот ученик од нашата држава или, доколку добиеме понуди од истиот колеџ две години по ред, би бил/а придружен/а од еден друг соученик од тука. Сепак, често има барем неколку други ученици од Балканот (дури и кога нема други Македонски ученици), па има можност за регионална дружба!

Дали можам да одберам на кој UWC колеџ ќе учам? 

Комитетот им овозможува на успешните кандидати по завршувањето на третата фаза од селекцискиот процес да ги подредат достапните колеџи во соодветната година согласно своите преференци. Овие преференци се земаат предвид при донесувањето на конечната одлука околу распределбата на местата, која сепак ја носи Комитетот.

Ако сум трета година, дали тоа се смета за предност или маана? 

Ни едното ни другото. Апликантите од трета година средно образование се оценуваат според исти стандарди како и оние од втора година. Апликантите од трета година кои веќе аплицирале неуспешно претходната година смеат да аплицираат повторно и ќе бидат оценувани исклучиво врз основа на прикажаното во актуелниот селекциски процес.

Успешните апликанти од трета година практично би имале 5-годишно средно образование бидејќи Меѓународната матура која се следи на колеџите е во времетраење од две години без оглед на појдовната точка на учениците. Комитетот секоја година добива голем број апликации од ученици од трета година, а воедно и некои од актуелните ученици аплицираа додека беа во трета година и воопшто не жалат за донесената одлука!

Ако сум од помало место и/или послабо средно училиште, дали тоа влијае врз мојата апликација? 

Категорично не. Досегашните UWC ученици од Македонија доаѓаат од најразлични градови и рурални средини, како и од различни академски позадини. При разгледувањето на апликациите, Комитетот утврдува исклучиво колку апликантите имаат извадено максимум од средината од која доаѓаат.

Дали постои можност да аплицирам доколку не исполнувам некој од условите за аплицирање? 

Да. Слободно испрати ни порака на нашата фејсбук/инстаграм страница или на нашата контакт адреса во која ќе ни наведеш кој/кои услов/и не ги исполнуваш и зошто сметаш дека поради ова не треба да ти биде ускратено правото да аплицираш, па ќе го разгледаме твојот случај засебно и ќе те известиме во најскор можен рок. Единствените два стриктни услови се апликантите да бидат во втора или трета година средно образование и да поседуваат минимум основно познавање на англиски јазик.

Дали финансиската состојба на моите родители влијае врз мојата апликација? 

Категорично не. Комитетот не ги зема предвид податоците за финансиската состојба на семејствата на кандидатите пред објавувањето на резултатите од последната фаза од селекцискиот процес. Ваквите податоци се користат дури откако успешните апликанти се веќе познати, односно дури во моментот кога се врши распределбата на успешните апликанти во достапните колеџи за соодветната година.

Кој ја врши селекцијата на ученици? 

Селекцискиот процес се врши во целост од страна на Комитетот, кој пак е составен исклулчиво од поранешни UWC ученици од државата. Голем дел од нас сè уште студираат, односно не се значително повозрасни од самите апликанти, што придонесува кон пријатна и опуштена атмосфера во втората и трета фаза од селекцискиот процес!

Кога ќе се одржат втората и трета фаза од селекцискиот процес? 

Точните датуми зависат од достапноста на што поголем број членови на Комитетот, како и од разни логистички аспекти. Иако не можеме да прецизираме точни денови, можеме да потврдиме дека втората фаза ќе се одржи во текот на првите седум дена од јануари, а третата фаза кон почетокот на Февруари.

За одлуката за аплицирање

Меѓународната матура која се нуди на колеџите е достапна и во некои училишта во Скопје. Зошто тогаш да аплицирам на UWC? 

Со својот исклучително интернационален состав на ученици и професори, UWC пружа животно искуство што го прави многу повеќе од обично училиште кое ја следи Меѓународната матура. Дополнително, начинот на кој оваа програма се следи во UWC е исто така уникатен. Иако различни UWC колеџи нудат различни предмети и воншколски активности во рамките на Меѓународната матура, изборот е честопати далеку поразновиден одошто во други средни училишта кои ја следат истата програма. Воедно, некои UWC колеџи нудат можност за изучување предмети формирани и изучувани исклучиво на тие колеџи, како на пример историја на уметност во UWC на Јадранот во Италија и наука за морскиот свет во Пирсон UWC на Пацификот во Канада.

Во ред, изгледа дека ги исполнувам условите... но сè на сè, вреди ли да аплицирам? 

Доколку имаш сомнежи дали токму ти си доволно добар/добра во конкуренција на врсници од целата држава, сети се дека сите апликанти сигурно ги имаат истите сомнежи! Немаш што да загубиш! Впрочем, пополнувањето на апликацијата ќе ти одземе најмногу ден-два, а може да ти ги донесе двете најубави години од животот.

Ако размислуваш далекусежно...

Дали престојот на UWC би ми ги отворил вратите за студирање во странство? 

Преку специјализирани советници, сите колеџи нудат опсежна подготовка и поддршка за учениците при подготвувањето апликации за високо образование за време на UWC искуството, а и потоа доколку учениците не сакаат да го започнат своето високо образование веднаш по завршувањето на UWC искуството. Како последица на ова, најголем дел од учениците на UWC се запишуваат на високопрестижни универзитети ширум светот, и тоа најчесто со целосни или барем делумни стипендии. Врвните светски универзитети исклучително го ценат уникатното меѓународно искуство на UWC учениците. Ако ве интересира каде македонски алумни потоа отишле, ѕирнете ги нивните профили!

Дали UWC движењето е лошо за нашата држава бидејќи ги одзема некои од најдобрите ученици? 

UWC има за цел да оформува самостојни лидери кои самите ќе одлучат во која средина најдобро можат да ги применат стекнатите знаења и искуства. Во последните дваесетина години, колку што се испраќаат ученици од Македонија, некои од учениците се имаат вратено во Македонија веднаш по завршувањето на UWC искуството, некои по завршувањето на високото образование во странство, а некои уште работат и живеат во странство. Сепак, сметаме дека сите завршени ученици имаат дадено значаен придонес за државата како своевидни амбасадори пред остатокот од светот за време и по своето UWC искуство. Некои од завршените ученици денес работат како универзитетски професори, владини советници, новинари, книжевни издавачи, правни консултанти и информатичари.