Премини на содржината ↓

Прирачник за аплицирање

Апликација 

Добредојде во апликацијата за UWC. Во овој прирачник нудиме неколку совети за најуспешно пополнување на апликацијата. Таа се состои од два дела: (1) неколку кратки прашања и (2) два есеи.

Кратки прашања

Искористи ги сите зборови  

Сакаме да те запознаеме! Ако напишеш само една реченица, многу ни е потешко да видиме како размислуваш. Затоа, те охрабруваме да ги користиш дадените зборови – за секое кратко прашање, тоа е обично околу 200 зборa.

Одговори ги прашањата искрено 

Не бараме некој конкретен одговор, па нема смисла да се обидеш да ги одговориш прашањата на начин што мислиш дека ќе ни се допаѓа. Кратките прашања се шанса да осетиме како размислуваш за себе и за нештата кои се случуваат околу тебе.

Покажи – не кажувај!  

Многу често се случува кандидати да ни кажат работи во одговорите, без да ги поткрепат (или, со други зборови, без да ги покажат!). На пример, понекогаш апликант ќе напише “јас сум лидер“. Тоа е океј – ние ти веруваме! – ама многу повеќе би ни помогнално ако ни дадеш конкретни примери за полесно да ја воочиме твојата поента. На пример, можеби си лидер бидејќи ја организираше Вибер групата на твојот клас, или бидејќи го учиш помалиот брат да свири гитара. Во секој случај, корисно е да ни дадеш примери :)

Аналитички есеј

Поентата на аналитичкиот есеј е да ни покаже како анализираш прашање кое нема јасен одговор. Такви прашања бараат малку истражување и доста размислување. Затоа, те охрабруваме да одлучиш што сакаш да кажеш и да нѐ убедиш дека си во право!

Ако искористиш надворешни извори, наведи ги!  

Те охрабруваме, додека го составуваш аналитичкиот есеј, да се ослониш да надворешни извори – статии, истражувања, книги и слично. Но, не е дозволено да копираш текст од друг извор и да го понудиш како сопствена мисла. (Тоа се вика плагијаризам!) Затоа, кога ќе искористиш некоја мисла од друг извор (на пример, ако најдеш статистика во некој научен труд, или ако искористиш цитат од некоја статија), многу е важно да обележиш од каде таа мисла е дојдена. Тоа можеш да го направиш со фуснота [1] во текстот, и со листа на извори на дното. (Без грижи – изворите не ги броиме како дел од зборовниот лимит!)

[1] Фуснота. https://en.wikipedia.org/wiki/Note_(typography) 

Осмисли ја структурата 

Имај предвид дека есејот ќе биде прочитан од барем двајца оценувачи – и идеално би било тие да го разберат! За да им ја олесниш работата, обиди се есејот да го напишеш со некоја структура на ум – на пример, со вовед, централен аргумент, па контра-аргумент, или нешто слично. Нема конкретни правила, но гледај да не биде една бесконечна реченица :)

Креативен есеј

За разлика од аналитичкиот есеј, поентата на креативниот есеј не е да нѐ убедиш во нешто (освен дека си супер-креативец!). Имаш целосна слобода овој есеј да го напишеш како сакаш, сѐ додека покажува креативна мисла. 

Кажи ни приказна 

Темите ги бираме со намера да ти дадеме можност за креативност. Искористи ја таа слобода за да напишеш нешто што не би го напишал никој друг освен тебе :)

Интервју

Интервјуто ни е најдобрата шанса да те запознаеме и да чуеме како размислуваш! Исто како во апликацијата, нема конкретни одговори што ги бараме – само сакаме да ги чуеме твоите искрени мисли. 

Еве неколку совети за поубав помин на интервјуата. 

Дај ни содржина! 

Целта на интервјуто е да те запознаеме, а запознавањето е најлесно ако зборуваш – дури и повеќе од очекуваното :)

Понекогаш, наидуваме на ваква ситуација на интервјуто:

  • Што правиш во слободно време?
  • Читам.
  • Да? Што читаш обично?
  • Книги.
  • Мхм! Какви книги?
  • Па сеедно, што ќе најдам…

Можеш да согледаш зошто тоа не ни кажува премногу за тебе? Еве го истиот разговор, ама со малку повеќе содржина од кандидатот:

  • Што правиш во слободно време?
  • Читам. Обично сакам научна фантастика, ама понекогаш ќе прочитам и некој љубовен роман.
  • Да? Што ти се има допаднато во последно време?
  • Баш минатиот месец ја прочитав [име на книга] која ептен ми се допадна бидејќи авторот многу убаво опфати како е да си средношколец…

Да појасниме: не бараме да имаш размислено за секоја тема која може да ја опфатиме за време на интервјуто. Но, сакаме да имаме пријателски договор: ние ќе се обидеме да те прашаме работи кои ти се блиски, а ти обиди се да ни дадеш одговори полни со содржина :)

Покажи, не кажувај!  

Советов го ставивме и погоре, во апликацијата, но принципот уште повеќе важи во контекст на интервју. Еве што рековме погоре: Многу често се случува кандидати да ни кажат работи во одговорите, без да ги поткрепат (или, без да ги покатажат!). На пример, понекогаш апликант ќе ни каже “јас сум лидер“. Тоа е океј – ние ти веруваме! – ама многу повеќе би ни помогнално ако ни дадеш конкретни примери за полесно да ја воочиме твојата поента. На пример, можеби си лидер бидејќи ја организираше Вибер групата на твојот клас, или бидејќи го учиш помалиот брат да свири гитара. Што и да е одговорот, од помош ни е ако го поткрепиш :)

Не се плаши од потпрашања!  

Сите наши интервјуери сакаат да дознаат повеќе за тебе и сигурно ќе ја искористат шансата, откако ќе дадеш одговор, да постават неколку дополнителни прашања на поврзани теми. Не се грижи – тоа е нормално! Искористи ја шансата да ни дадеш повеќе детали за

Пример-прашања од претходни години  

Ова се дел од прашањата кои сме ги поставувале во вториот и/или третиот круг од претходните селекциски процеси. Секоја година се трудиме да бидеме оригинални, но отприлика ова е типот на прашања што можете да ги очекувате. Не би ви советувале да подготвувате готови одговори од дома, туку да ги искористите чисто за ориентација -- најдобрите интервјуа се секогаш спонтани разговори! 

  • Како се спремаше за ова интервју / за селекцискиот процес?
  • Кажи ни нешто што го учевте на училиште што не ти беше јасно. Можеш ли да ни го објасниш тоа на начин што и ние ќе го разбереме?
  • Дали имаш некои непопуларни мислења?
  • Која активност би можел да ја правиш по цел ден (и зошто)?
  • Има ли активност која би сакал/а да ја донесеш со тебе на UWC?
  • Што би сакал/а да постигнеш нареднава година (надвор од училницата) ако не отидеш на UWC?
  • Што имаш научено од другите кандидати досега?
  • Има ли нешто што најдобриот другар/најдобрата другарка го прави што многу го цениш?
  • Дали некој човек те инспирира?
  • Што би сменил/а во твојата апликација ако можеш од почеток да ја почнеш?
  • Имаш ли пример на неуспех? Како го надмина?
  • Кој ти е најомилен/најнеомилен UWC колеџ?
  • Има ли некој факт што ти се допаѓа за UWC?
  • Кои предмети би сакал/а да ги земеш на IB?
  • Од кои активности би сакал/а да бидеш дел на UWC?