Премини на содржината ↓

Детален опис на вреднувањето на кандидатите

Прв круг

Секоја апликација од првиот круг е оценувана од најмалку два оценувачи. Апликациите при распределбата се анонимизираат, така што секоја апликација добива реден број под кој се оценува. Оценувачите немаат пристап до личните информации во апликацијата ниту до просекот на кандидатите од дотогашното образование. Единствените информации што оценувачите ги добиваат (покрај одговорите на кратките прашања и есеите) се градот и училиштето на кандидатот/ката.

Максималниот број поени што можат да се добијат од онлајн апликацијата е 100. Од овие поени, 5 поени се доделуваат врз основа на академскиот просек од последните три учебни години, 45 поени врз основа на одговорите на кратките прашања и 50 поени врз основа на двата есеја. Секој од овие делови е објаснет подолу.

Вреднување на просек 

Бидејќи веруваме дека поскорешни оцени се подобар знак за академскиот успех на кандидатите, кога го вреднуваме просекот, пресметуваме композитен просек по следнава формула:

За кандидати од втора година:

20% просек од осмо одд. + 35% просек од деветто одд. + 45% просек од прва година

За кандидати од трета година:

20% просек од деветто одд. + 35% просек од прва година + 45% просек од втора година

Композитниот просек потоа се претвара во поени на следниов начин:

4,50 - 5,00 = 5 поени
4,00 - 4,49 = 4 поени
3,50 - 4,00 = 3 поени
3,00 - 3,49 = 2 поени
2,50 - 3,00 = 1 поен
< 2,50 = 0 поени

Како што можете да видите, просекот навистина не игра голема улога во целокупниот процес!

Вреднување на кратки прашања 

Кратките прашања се оценуваат како целина врз основа на петте основни критериуми дефинирани од Меѓународната канцеларија на Светските обединети колеџи. Секој од овие критериуми носи еднаков број поени (9). Критериумите се:

  • Интелектуално љубопитство
  • Активна ангажираност
  • Лична одговорност
  • Општествена зрелост
  • Мотивација за СОК

Кратките прашања вредат вкупно 45 поени, и заедно со просекот носат половина од можните поени во апликацијата. 

Вреднување на есеи 

Секој од есеите носи 25 поени. За секој есеј, поените се доделуваат врз основа на:

  • Суштината на одговорот: колку добро кандидатот го одговара прашањето? (10 поени)
  • Структурата: колку добро кандидатот ги презентира идеите? (10 поени)
  • Јазичното изразување: колку добро кандидатот го користи јазикот за да ги искаже своите идеи? (5 поени)
Комбинирање на оцените од различни оценувачи 

Секоја анонимизирана апликација е оценета од најмалку двајца членови на комитетот. Паровите на оценувачи се произволни -- тоа значи дека оценувач А ќе прегледа некои апликации кои се исто така прочитани од оценувач Б, а други апликации кои се прочитани од оценувач В, и така натаму. 

Бидејќи оценувачите имаат различни стилови на оценување, особено од аспект на строгоста на доделување поени, сакаме кандидати чии апликации се прочитани од “построг“ оценувач да имаат еднакви шанси како и другите да поминат во вториот круг. Затоа, финалните оцени на секој оценувач се стандардизираат за сите оценувачи да го имаат истиот просек и стандардна девијација.

Откако оцените ќе бидат стандардизирани, секој кандидат го добива просекот од оцените на двата оценувачи. Со други зборови, ако вашата апликација добила 75 (стандардизирани) поени од оценувач А и 68 (стандардизирани) поени од оценувач Б, финалните поени ќе бидат 71,5. 

Втор круг

Во вториот круг се покануваат кандидатите кои се пласирале меѓу најдобрите 40% според бројот на поени од апликацијата.

Во овој круг кандидатите се оценувани врз основа на индивидуалните интервјуа на македонски и англиски како и групните активности. Секој оценувач врши евалуација на кандидатот во целина врз основа на истите пет основни критериуми дефинирани од Светските обединети колеџи, од кои секој повторно носи 9 поени. 

Според овие критериуми можат да се освојат 45 поени. На крајот, бројот на поени се множи со 100 па се дели со 45 за да се добие максимален број од 100 поени.

Трет круг

Во третиот круг се покануваат најдобрите кандидати врз основа на композитната оценка од првиот и вториот круг. Истата се пресметува на следниов начин:

15% поени од прв круг + 85% поени од втор круг

Пример: Ако кандидатот Х имал 78 поени во првиот круг и 90 поени во вториот круг, ќе има композитна оценка: 0,15*78 + 0,85*90 = 88,2.

Во овој круг, кандидатите се оценувани врз основа на индивидуалното Скајп интервју на македонски или англиски јазик. Секој оценувач врши евалуација на кандидатот во целина врз основа на истите пет основни критериуми дефинирани од Светските обединети колеџи, од кои секој носи 9 поени. Според овие критериуми можат да се освојат 45 поени. На крајот, бројот на поени се множи со 100 па се дели со 45 за да се добие максимален број од 100 поени.

Финална ранг листа

Финалната ранг листа на кандидати се пресметува на следниов начин:

10% поени од прв круг + 30% поени од втор круг + 60% поени од трет круг

Пример: Ако кандидатот Х имал 78 поени во првиот круг, 90 поени во вториот круг и 70 поени во третиот круг, ќе има финална композитна оценка: 0,1*78 + 0,3*90 + 0,6*70 = 76,8.

Сите кандидати од третиот круг се рангираат според финалните композитни оценки. Потоа, распределбата на местата се врши врз основа на оваа листа, како и според желбите кои ги изразуваат самите кандидати. Меѓутоа, стипендиите се доделуваат исклучиво врз основа на прикажана финансиска потреба.

Пример: Кандидатот Х е прворангиран. Ова значи дека според ранг листата му следува место на еден од колеџите. Но, стипендијата се нуди исклучиво врз основа на прикажана финансиска потреба. Доколку финансиската состојба на семејството на кандидатот Х е таква да можат да покријат 10% од вкупниот износ на школарината, кандидатот Х нема да добие целосна стипендија. Тој ќе добие понуда за место со стипендија од 90%, а доколку истата ја одбие, не постои гаранција дека ќе му биде дадена друга понуда.