Премини на содржината ↓

Миа Бошева

5 August 2025

секогаш гледа под површината

Миа ги има прочитано скоро сите профили од претходни години. Ја прашував дали има некои што посебно ѝ се допаѓаат, но одговорот којшто го добив беше „сите се супер, лелеее и јас ќе имам вакво сега!“. Кога правите муабет со Миа добивате искрени реакции и автентични зборови. Секогаш чувствувам позитивен притисок кога ги пишувам профилите – сакам сите да се пронајдат во напишаното и да бидат горди на себе – но, после разговоротот со неа ме фати трема. Иако не сака кога често зборуваме за ова, таа била млад писател на книги уште пред годините да и достигнат двоцифрена бројка – разбирате зошто ме фати трема.

    Низ целиот селекциски процес и периодот до сега, Миа покажувашe огромна мотивација да стане дел од UWC. Ја прашав кој дел од процесот ѝ беше омилен и ми кажа по нешто од секоја фаза во последните неколку месеци.. Во првиот круг, прашањата биле многу интересни, особено за креативниот есеј. Во вториот круг, доста популарен омилен спомен, ѝ било тоа што се запознала со многу нови луѓе. Била во исчекување на резултатите, но не и било важно во која земја ќе оди. Како што кажа и самата: „кога ќе се фатиш за нешто, треба до крај да се посветиш!“. 

    Овие одговори не се важни само за да ви кажам што ѝ било интересно, туку се примери за тоа како Миа ги доживува работите што ѝ се случуваат – во сѐ гледа шанса за учење и подобрување. Кога ми кажуваше за апликацијата, точно знаеше кои делови биле предизвикувачки. Едниот од есеите ја поттикнал да створи приказна што е уникатна и ја доловува нејзината креативна страна. Групните активности и дружењето во вториот круг ја воодушевиле бидејќи со запознавањето на нови луѓе запознава како другите размилсуваат и зошто. За исчекувањето на понудата за конкретен колеџ кажа „Не ми беше важно каде ќе одам. Одиме поради UWC, не поради земјата.“ што ми потврди колку Миа е љубопитна и отворена да се чувствува како дома каде и да е.

    Колку што е флексибилна, Миа има еднаква доза на решителност и борбеност. Учествувала на Младинското собрание како претставник од нејзиното училиште. Ова е пример на иницијатива каде Миа имала прилика да придонесе во разговорите за оформување на конкретни младински приоритети за промени на локално ниво. Многу сака да патува и да истражува за други култури. Моментално се посветила кон учењето на сите главни градови во светот, откако успешно истренирала да ги наброи сите држави од светот во рекордно време. За Миа ова е хоби од љубопитност, но како додаток смета дека ова е важно да се знае како почетна тема на разговор кога е опкружена со луѓе за кои што сака да научи повеќе. Поточно е да кажам дека не само што сака да учи за луѓето и културите, туку сака да учи со и од нив – совршен баланс на интроспективност и проникливост.

Возбудата што Миа ни ја покажува за едноставни работи во животот и UWC ме потсетува колку ми е драго што ја имам приликата да запознавам прекрасни и амбизиозни нови луѓе како неа секоја година. На UWC Тајланд верувам дека Миа ќе ги пренесе нејзините пасии и вештини и дека ќе оформи силни другарства и поврзаност со локалната заедница.

 

Јана Кралева, јули, 2025