Премини на содржината ↓

Милијана Стојановиќ

2 September 2022

е дел од заедница

Летото 2020-та година, една наставничка влегува во туристичка агенција во центарот на Скопје. Има намера да купи авионски билети за ќерка ѝ, која ќе го продолжи своето образование во странство. При муабет со агентката, наставничката спомнува три букви – UWC – и можност за аплицирање за стипендии. Наставничката се враќа дома и бргу потоа се збогува со ќерка си, Марија Јанева, која тоа лето ја започнува првата година на колеџот во Норвешка. Агентката, пак, ѝ спомнува на сопствената ќерка – која тогаш завршува деветто одделение – дека постои можност наречена “UWC”. 

Ќерката е Милијана, средношколка чиј живот е испреплетен со животите на луѓето околу неа. Милијана е јадрото на еден куп различни заедници, главен или спореден лик во низа приказни како оваа. Секако, нејзината улога се разликува во зависност од заедницата. Во групата за танц, каде е еден од најмладите учесници, Милијана нуди хумор и позитивност. Во групата пријатели, таа нуди рамо за плачење кое, како што ми спомна со насмевка, доста често се користи. На ориентацискиот камп, Милијана нудеше внимателно уво и интерес за запознавање на своите врсници. (За неколку недели, ќе имаме шанса да дознаеме што ќе биде нејзината улога во една нова заедница – во Сингапур!)

Милијана има низа успеси кои би можела да ги презентира како само свои. Уште во прво одделение наставничката забележела дека Милијана може повеќе, па по неполн месец се префрлила во второ. Има добиено ред различни награди од натпревари по математика. И, секако, пред некој месец беше избрана да стане дел од UWC движењето.

Но, цврсто е решена дека сите тие успеси не се само нејзини. Кратко пред последното интервју, бараме сите финалисти да ни испратат три-минутно видео наречено “Ова сум јас“. Видеото на Милијана се состоеше од слики со брат ѝ, со родителите, и со еден куп различни пријатели – речиси и да не ја видовме сама. Таа го заврши видеото порачувајќи ни: “Но, ова не бев само јас. Ова беа сите што ме следеа на моето патување и што ме направија она што сум денес. Па, ова сме ние.“ Нели! 

Милијана летово ќе оди во Сингапур, и знае дека ќе ѝ фали бурек. Но, како што веќе востановивме, дури и за тоа ќе се потпре на нејзината заедница. Мајка ѝ, преку работа, одамна запознала пилот кој деновиве живее во Сингапур. И – нема да ми верувате – пилотот минатата година отворил бурекџилница на некои 15 минути од кампусот на сингапурскиот UWC :) 

 

Бобо, јули, 2022