Премини на содржината ↓

Нела

9 July 2021

и потпирање на околината

Видот на мед од едно пчелно семејство зависи од неговата околина. Ако сандакот -- дрвена кутија која функционира како нивен дом -- е ставен, на пример, близу до реката Вардар, пчелите работнички ќе имаат пристап до најразлични цвеќиња кои уживаат во отворената, влажна средина. Резултатот ќе биде светол, ливадски мед. Доколку, пак, сандакот е ставен меѓу дрвја, во затворена средина, пчелите ќе произведат потемен, шумски мед. Каде и да се, пчелите ќе ги искористат можностите околу нив -- па ако нема доволно цвеќе во една средина, лесно може да се „преселат“ за да го достигнат својот потенцијал. 

Нела има израснато во Кавадарци, на крајот на градот, во дел за кој се пошегува дека дури минатата година добиле улично осветлување. Им помага на родителите-пчелари уште од мала, па можеше сликовито -- буквално, со слики на телефонот -- да ми ги долови нијансите на занаетот. Досега го има искусено скоро секој дел од макотрпниот процес на правење мед, од правењето рамки и формирањето  шестаголници (во кои пчелите го складираат медот), до ставањето на медот во центрифуга која го дели од восокот (што пчелите го користат како пакување), до преместувањето на сандаците од едно опкружување во друго (за пчелите да добијат повеќе пристап до полен).

Како и пчелите-работнички со кои често си има работа, Нела има извонредна способност да го извади максимумот од нејзината околина, па дури и да придонесе кон нејзината промена. Не сум запознаен со активност во Кавадарци која Нела ја нема барем пробано. Карате. Танц. Пијано. Стрелаштво. Драма. Кога можностите ѝ се пружени, Нела ги користи, а кога не се, спремна е самата да ги создаде. Има основано гранка на Fridays For Future движењето во родниот град, работејќи да ја запознае нејзината заедница со ефектите на климатските промени. (Дел од нив ги има искусено и нејзиното семејство, бидејќи повисоки температури често значат помалку мед.) Освен преку организацијата, на друштвото влијае и на лично ниво: нејзините пријателки сега носат сопствени кеси кога купуваат од продавница.

При крајот на деветто одделение, кога било јасно дека нема доволно ученици во Кавадарци за да се формира јазична паралелка, Нела отишла во Велес и се запишала во стручното средно училиште, со план да стане медицинска сестра. Таа одлука значи дека Нела веќе има искуство од живот во интернат, и дека веќе има научено дека е потребен континуиран труд за да успее, особено кога нема некој да ја потсети да си ја заврши работата. Затоа, верува дека е спремна за хемија и биологија на UWC, иако е отворена да се пронајде себеси и да испроба низа нови предмети.

Во август, кога ќе пристигне во Велс и ќе ја започне својата прва година на UWC Atlantic, Нела можеби ќе се придружи на пчеларскиот клуб. Можеби и нема; тој свет ѝ е веќе познат. Без разлика што ќе одлучи, едно нешто е сигурно: оваа Нела-пчела-работничка сега се сели во средина со многу, многу повеќе цвеќиња. Едвај чекаме да видиме каков мед ќе произлезе од селидбата.

 

Бобо Станковиќ, јуни 2021