Премини на содржината ↓

Виктор Закар

5 October 2020

UWC на Јадранот, 2000-2002

Во матно време полно со неизвесност пред повеќе од дваесет години, еден шеснаесетгодишен младинец од  Скопје слезе среде автопат на една бензиска пумпа од минибусот од Љубљана за Местре. Беше рано меѓу 8 и 10 часот во еден топол најверојатно августовски ден. Имаше сосебе голем патнички куфер. Со голема несигурност гледаше ваму-таму. Првпат се најде сам во непознат крај. Зад него наѕираше ритчест и каменест крајолик, а пред него неколку продавничиња зад кои имаше дрвја што криеја нов свет во село покрај морето. Неколку скаличиња мораше да помине за да дојде до другата страна на автопатот. Оттука патот го водеше кон сонот наречен Дуино.

Приказната „Дуино“ не е некаква обична приказна напишана на парче хартија. Секоја година за сторението „Дуино“ може да раскажуваш на околу двесте поинакви начини. „Дуино“ е опис на околу двесте различни судбини собрани на купче, од различни ќошиња на целиот свет што живеат во сторијата што е небаре филм и потоа се разделуваат. Но, приказната Дуино тие ја живеат и понатаму. Несвесно. Во секој нивни нов чекор, во секоја нивна нова животна промена. Приказната Дуино е едноставна. Секој што ја доживеал, знае: тоа било за него осознавање на светот, откривање на самиот себеси.  Осознавање на сличностите и заборавање на разликите. Запознавање на човечноста и разбирањето на различноста. И по дваесет години тој ист младинец се среќава некогаш ретко со некои од оние со кои ја делел приказната Дуино. И со чудење утврдува дека како времето да не поминало. Како да сонуваат и понатаму заедно.

*****

Oбразованието вo светскиот обединет колеџ на Јадранот е една од одлучувачките станици за развивањето на мојата личност таква каква што е. Интересот за странски јазици, други култури и историја постоеше и пред Дуино. Но, токму во Дуино тие се продлабочија. Па така за четири години подоцна завршувам студии на превод и толкување на Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ во Скопје на насоката француски, англиски и македонски јазик. Можноста да раскажувам за словенските јазици во училиштата околу Дуино преку таканаречената „социјална служба“ во колеџот и можноста да се сретнам со словенечкото малцинство во околината на Дуино го разбуди кај мене интересот и за други малцински јазици и народи. Најпрвин учев горнолужичкосрпски јазик во Будишин (Бауцен) 2004, а подоцна своите знаења на обата лужички јазика ги усовршив во Лајпциг, каде што и завршив докторски студии по овие два јазика.  До денес сум имал можност да учам и други малцински јазици, воглавно од келтското јазично семејство.  Имам работено во две лужичкосрски списанија: во културниот месечник „Разглед“ и во единствениот неделник на долнолужичкосрпски јазик  „Нови Цасник“, во чијашто редакција моментално работам. Во „Јазичниот центар ВИТАЈ" имав можност да се занимавам и практично со поддржување на употребата на долнолужичкосрпскиот јазик во образовниот систем во Долна Лужица (Германија). Соавтор сум на еден германски учебник по македонски јазик и на една гимназијална граматика за долнолужичкосрпски јазик. Сум овозможил две важни соработки на универзитетско ниво: едната со Меѓународниот семинар за македонски јазик, култура и литература во Охрид при Филолошкиот факултет „Блаже Конески“ и Институтот за сорабистика (лужички јазици) во Лајпциг и уште една помеѓу Институтот за безбедност, одбрана и мир при Филозофскиот факултет во Скопје и Институтот за јавно право и право за животната средина и планирање во Котбус при Бранденбуршкиот технички универзитет Котбус-Зенфтенберг.
И покрај тоа што се поминати 30 години од соединувањето на двете Германии, во источниот дел на Германија, на пример во Бранденбург, сè уште се присутни духовите на Германската Демократска Република. А тоа е засилено преку слабата економија на регионот на Бранденбург и бавното заминување на индустријата за јаглен.

Во слободно време возам точак низ блиските паркови и шуми и читам. Освен јазици, ме интересираат теми од историјата, економијата и уметноста. Секогаш кога е можно, радо се среќавам со своите соученици и другари од обединетите светски колеџи. Ме интересираат искуствата и на другите ученици на UWC и сакам да запознаам уште некој од нив лично.