Премини на содржината ↓

Зорица Чилиманова

5 August 2025

е водич за авантури

Интроспективната природа на Зорица несомнено и овозможува да го разбере светот и себееси како дел од него на подлабоко ниво. Една јулска вечер излеговме на кафе, а таа ми сподели мошне интересен концепт за тоа како ги преиспитува своите и туѓите реакции во дадени ситуации барајќи го предизвикувачот на истите. На овој начин таа гради толеранција и разбирање земајќи ги предвид своите разлики и разликите на оние околу неа. Кога го слушнав ова, мене ми беше сосем јасно зошто Зорица е заинтересирана за изучување на меѓународни односи. 

Овие доблести не се сомневам дека одлично ќе и послужат и кога ќе замине на UWC ISAK во Јапонија каде што планира да се заангажира во тимот за комуникација при училишната заедница. Преку ова, таа сака да придонесе во воспоставување на подобри односи и комуникација помеѓу соучениците, професорите и администрацијата. Особено е несебично дека Зорица има желба да ја пружи помошта на своите врсници која неа и фалела додека учела овде. Покрај ова, таа планира да продолжи и со изучување на биологија која веќе добро ја владее поради долгодишното натпреварување во ова поле.

Од општествени до природни науки, интересите на Зорица се сестрани, па дури и надвор од училишната клупа. Доколку некогаш се најдете на Шар Планина и сте желни за авантура, Зорица би била вистинската личност да ве поведе и да ви ги открие нејзините недопрени предели! Таа дел од своето слободно време го поминува помагајќи му на својот чичко како водич на планинарски тури на диви патеки на кои може да видите и диви коњи. Јас не знаев дека ги имало на Шар Планина, толку блиску кај нас, ама ете, се ќе слушнеш од Зорица! :)

Гостопримливоста која им ја пружа на посетителите на овие тури, таа со љубов ја споделува и со своите најблиски. Од правење колачи, до полнење тегли ајвар – Зорица обожава да готви. Споделувањето храна за неа претставува начин на поврзување со семејството и пријателите. Колку симпатично! Дури и мене ме научи рецепт за правење леб од кисело тесто. Бев изненадена од нејзината посветеност кон оваа мајсторија – таа секој ден преку лето имала аларм во точно одредено време за да се врати порано од излегување со цел да го ”нахрани” и оддржи квасецот за тестото.

Иако малку ја плаши долгиот пат до Јапонија, Зорица сепак верува дека ќе се пронајде таму. Уште од сега, таа на различни начини се обидува да се приближи до јапонската култура. Ми спомна дека ја интересирало да  читне по нешто од некои јапонски автори, а исто така планира и да го изучува Јапонскиот јазик додека е на UWC ISAK. Смета дека ова ќе и помогне вистински да се претопи во локалната култура и подобро да ја доживее Јапонија. Останува само уште добрата волја и авантуристичкиот дух што го стекнала во дивините на Шар Планина, со себе да ги понесе на планината Асама каде и се наоѓа колеџот – нејзиниот нов дом!

 

Ивана Цветаноска, јули 2025