Премини на содржината ↓

Васил Јолевски

5 August 2025

знае како да ти го одржи вниманието

Васил е битолчанец без прекар и веќе поранешен ученик од „Горната“ – скромноста на Васил веројатно прави да претпоставува дека би го опишала само вака. Минатиот викенд правевме муабет за да се запознаеме надвор од селекцискиот процес и во секој дел од разговорот ја забележував автентичноста на Васил. Тој е хетерогена смеса на екстровертност и кроткост. Нема да добиете верзија од него што е филтрирана и неискрена. Се навратив да го гледам неговото видео „Ова сум јас“ од третиот круг на селекција. Не знам дали тој би променил нешто од тоа, но мене баш ми се допадна каков едноставен, но содржински обилен концепт тој следеше во видеото. Сметам дека така го доживувам Васил – прецизен, директен и јасен.

    Васил ни раскажа за сите неговите интереси, зборувајќи на четири јазика. Ни зборуваше за изучување јазици на неколку наврати и навистина сум импресионирана од начинот на којшто тој со промислена намерност го води процесот на учење. Тој испробал повеќе стратегии и забележал кои навики му помагаат да го прошири вокабуларот и како да учи поефикасно. Почнал да се предизвикува со работи што не бил навикнат да ги прави, па последен пат кога бил во Германија зборувал исклучиво на германски јазик за да го вежба методот на интензивна изложеност. Сите јазици кои го слушнав да ги зборува звучеа како да пораснал зборувајќи ги.

Преку целиов процес препознав колку Васил прави да се чувствуваш удобно додека зборуваш со него. Како вистински екстроверт ми споделуваше анегдоти и шеги што му текнуваа во контекст на тоа што го зборувавме – денови на „online“ настава, социјален живот и патувања. Од друга страна тој е и одличен слушател – после секое мое прашање следеше спонтано прашање за мене. Освен што се чувствував остарено поради некои генерациски разлики, забележав дека Васил никогаш не се опишуваше самиот себе. Секогаш се обидуваше да ми ги долови елементите на атмосфера и контекст од неговите приказни и беше љубопитен за моите искуства на и после UWC. 

Шегувајќи се, неколкупати ми кажа дека ако немам што да напишам, ми дозволува да измислам нешто. Во краткото време што го имав да го запознаам, никогаш не покажал недостаток на содржина и карактер. Ми спомна дека никому не кажал дека бил примен на UWC, додека не се видел со класот кога ги земале свидетелствата. Не сакал сите да бидат во исчекување на одговорот и не сакал секој разговор да биде околу неговото заминување, туку да продолжи да има „нормално“ дружење и последни недели на училиште. Од такви примери забележувам доза на воздржаност кај Васил што му помага да прави промислени одлуки во неговото секојдневие.

„Најдобриот начин да се развиеш како личност е да се препуштиш на нови искуства и предизвици…“ – рече Васил – „и тоа е она што се надевам да го правам покрај другите на UWC“. Знам дека љубопитноста и автентичноста што тој ја носи со него во секоја интеракција ќе му помогнат да се поврзе со многумина на UWC Li Po Chun.


Јана Кралева, јули 2025