Ристе Златев

станува кога ќе го турнеш
2023
Судијата свирнува. Почнува второто полувреме. Работнички против Шкендија, досега нерешено. Ристе Златев е на гол. Напаѓачот од Шкендија ја прима топката. Трча кон Ристе, кој се спрема да брани. Црнило.
Ристе се буди под бели болнички светла. Го боли глава.
2013
Свежо преселени во Скопје од Кавадарци, Ристе и мајка му се на Скајп со татко му. Љубица споделува дека Ристе е активно дете, полно енергија. За да го измори му предлага активности: таекводно, пливање, кошарка. Ама тренингот по фудбал највеќе му се допаѓа. Тренерот им дозволува да трчаат додека не папсаат. Татко му, од Америка, му препорачува да биде шпиц. Ама Ристе веќе знае дека еден ден ќе биде голман за Бајерн.
2014
Одам на првиот “саем на активности“ на UWC Роберт Бош. Го прескокнувам штандот на фудбалскиот тим без око да ми трепне. Бирам фризби, што тогаш ми се чини како најнеспортскиот спорт.
2019
Ристе е во осмо одделение и највеќе го интересираат математика и физика. Оценките му се супер. Ама освен за тренинзите, не излегува премногу. Гледа телевизија по дома. Нема направено муабет со татко му веќе некое време.
2014
Без здив, го проколнувам денот на саемот. Барем фудбалерите имаат публика. Никој не доаѓа да гледа утакмици по фризби.
2023
Тренерот му носи ѓеврек во болница. Другарите доаѓаат на посета. Ристе е сигурен дека, штом главоболката олесне, ќе се врати на терен. Докторот не се согласува.
За да му го оттргне умот од повредата, другарка му Борјана го кани Ристе на предавање по дебата. За две недели ќе биде националното првенство. Таа година, со двонеделни припреми, тимот на Ристе успева да стигне до полуфиналето. Следната година, Ристе е 11-тиот најдобар говорник во државата.
2016
Два месеци после матурирање, се враќам на кампусот на UWC Роберт Бош. Организираме летен курс – три недели, триесеттина учесници. Мини UWC искуство.
2024
Ристе добива мејл дека не е примен на UWC. Сепак, понудено му е место на UWC летен курс. Курсот во Германија.
2025
Ристе повторно аплицира за место на UWC. Овојпат се гледа себеси како поинспириран и посмирен. Прави муабет со мајка му, возејќи низ Скопје. Го слушаат Тоше (и Џон Бон Џови, и Жељко Јоксимовиќ). Ѝ се заблагодарува на сета поддршка.
Во март, Ристе ми одговара на мејлот по само неколку часа. “Навистина сум почестен да сум номиниран и да станам дел од UWC семејството.“
***
Ристе е петтиот македонец на UWC Роберт Бош. Ќе се придружи на кампус кој лани го прослави десеттиот роденден. Едвај чекам Ристе да го остави својот белег во втората декада на мојот омилен колеџ.
Бобо Станковиќ, јули 2025