Премини на содржината ↓

Новак Дукиќ

5 August 2025

ја спојува забавата и мисијата

„Нема ситуација што можам да ја замислам—миење шољи, прошетки, јадење—во која не можеш да слушаш хаус музика,“ ми рече за време на нашиот разговор. Веднаш стана јасно: музиката за него не е само нешто што го сака, туку ритам кој го носи низ денот.

Но кога музиката ќе стивне, излегува на виделина друга страна на Новак, онаа длабоко посветена на создавање промени. Како активен член на Сојузот на средношколци, имал повеќе лидерски улоги, а последно е раководител на истражување и развој, каде што се залага за бесплатен јавен превоз за сите средношколци низ Македонија.

Преку Сојузот, Новак најде уште нешто што многу го цени: значајни пријателства без “граници”. Често зборува за тоа како Сојузот му овозможи да биде дел од заедница надвор од Македонија.
Патувањето е еден од неговите омилени делови од искуството. Не само поради можноста да види нови места, туку и затоа што може да седи спроти некој со сосема поинаква приказна и да сфати дека без разлика на сѐ, се борат за иста иднина. Благодарение на неговата вклученост во Сојузот, Новак ја претставувал Македонија во Болоња, Будимпешта и сега во Брисел, учествувајќи во динамични политички дискусии и младински собранија каде што учениците дебатираат за сè, од климатски промени и еднаквост во образованието, до дигитални права и демократско учество.

За време на патувањето во Будимпешта организирано од Сојузот, заедно со неговата пријателка Ања, Новак запознал ученици од Германија, Романија и Австрија, и сега сите тие се блиски пријатели кои сè уште се во контакт дури и по завршувањето на таа програма. Тоа искуство, кога вечерите ги минувале заедно во дружење, разговори едни од други, остави силен впечаток кај него. Неколку пати повтори колку му е важно да биде опкружен со добри луѓе, не само за забава, туку и за личен развој и разбирање.

Тој стремеж за промена се гледа и во неговата страст за правда. Како учесник во Модел Обединети Нации во Македонија, Новак учествува во дипломатски дебати и се справува со комплексни глобални прашања. Сонува еден ден да работи во Обединетите Нации—не поради престиж, туку затоа што верува во свет каде одлуките се водени од емпатија, а не од желба за профит. 

И додека неговите амбиции се простираат преку континенти, лојалноста кон пријателите посебно се истакнува. Топло зборува за својот најблизок пријател од Словенија, а времето поминато во интернационалното училиште во Скопје само ја продлабочило неговата глобална перспектива. Кога го прашав зошто ја избра UWC, неговиот одговор беше едноставен, но незаборавен: „Едноставно не сакам да бидам неинформиран.“ За него, UWC не е само врвно образование, туку и шанса да живее и расте со луѓе од целиот свет.

Сега, Новак заминува во UWC Maastricht, единствениот UWC лоциран близу до Хаг—домот на Меѓународниот Суд на Правдата. Лесно е да се замисли таму: со тетратка во рака, потопен во предметот Глобална политика, опкружен со врсници кои се грижат исто толку длабоко. Бидејќи кај Новак, било тоа преку музика, активизам или дипломатија, едно е сигурно: тој се движи низ светот со љубопитност и убедување.

 

Елена Жаков, 2025