Премини на содржината ↓

Каја Јосифовска

5 August 2025

прави да се чувствуваш како дома

По само неколку минути разговор со Каја ќе сфатиш дека таа е од оние луѓе кои само со своето присусто можат било кое место — да го претворат во дом, со нив да се чувствуваш удобно и слободно како да си дома со пријател.

Родена и порасната во Скопје, Каја уште од мала имала афинитет спрема медиината и знаела дека сака да стане доктор. Се смее кога раскажува како нејзините родители се обидувале да ја одвратат од таа идеја, насочувајќи ја кон сѐ друго освен медицина — но нејзиниот став не се промени. Неодамна после посетата на болница во Скопје тоа само ја зацврсти нејзината одлука, дека ја гледа својата иднина во сферата на здравството. 

Го памети моментот што промени сѐ: „Кога мајка ми се разболе, дојде медицинска сестра која седна со нас,таа не ни ги наброја само неопходните третмани — таа ни објасни, нѐ утеши и остана со нас три часа. Сакам да бидам како неа — не само некој што лечи болест, туку некој што прави болката да биде поднослива. Некој што во најтешките моменти знае да сочувствува и дава утеха и човечност.“
За само неколку недели Каја ќе биде на пат кон UWC Mahindra во Индија — патување што на почеток ги плашеше нејзините родители. „Но ги убедив,“ вели таа со тивка насмевка што открива упорност.

Во Mahindra, Каја ќе учи Биологија и Хемија на напредно ниво, веќе поставувајќи ги првите темели на својот сон еден ден да работи во онкологија. Знае дека нема да биде лесно. Сите ѝ го велат тоа. Но ако поминеш дури и пет минути со Каја, ќе сфатиш дека таа никогаш не се плашела од тешки нешта — особено кога се работи за грижа кон луѓето.

Животот на Каја е составен од малите заедници што ги создала и ги сака. Нејзиниот дебатен клуб е едно од нејзините најголеми достигнувања. Со двајца пријатели и драг ментор, Каја стигна до осмото место на Светското дебатно првенство. „Дебатата ме направи личноста што сум денес,“ вели таа. „Запознав многу луѓе, научив да зборувам, но и да слушам.“

Исто така таа волонтира во Црвениот крст — „Повеќе личи на дружење со пријатели отколку на работа“ вели таа — наоѓа утеха и ги полни батериите во прошетки по шумските патеки додека го шета нејзиното верно куче Кан, кој секоја вечер веќе девет години спие покрај неа. „Тоа ќе ми недостасува најмногу — не толку градот, туку кучето. Тој е мојот дом.“

Не е изненадување што веќе си го планира изгледот на ѕидот во својата соба во студентски дом во Mahindra — фотографии од семејството, пријателите, кучето, нејзините омилени спомени замрзнати во времето кои ќе и даваат чувство на блискост и подршка. Со неа ќе појде и еден мал привезок што ѝ го направил пријател — нејзин мал талисман за среќа што го носи насекаде.
Кон крајот на нашиот разговор, ја прашав Каја каде се гледа за десет години, иако одговорот веќе се предчувстваше. Се разбира прво медицински факултет — потоа специјализација - можеби онкологија, можеби истражување во фармакогеномика — област за која зборува со таков ентузијазам што те тера да поверуваш дека ќе најде начин да ја доближи до луѓето. „Ракот не е само болест на една индивидуа“ вели таа. „Го погодува целото семејство. Сакам да им помогнам на сите — на пациентот и на сите засегнати околу него.“

Идејата на Каја за дом никогаш не била врзана за една адреса. Тоа е нешто што се носи во срце, се гради и надградува со секој пријател што ќе го запознае, во секој мал момент на грижа и среќа што ги дава, прима и споделува, во секое ново место што ќе го посети. А каде и да замине следно — таа во себе го носи нејзиниот дух на припадност, хуманост и ентузијазм и го дава најдоброто на луѓето што имаат среќа да ја сретнат и станат дел од нејзиниот свет. 

 

Нела Честојанова, август 2025