Даниел Тренчески

сака да помага
Немав прилика да бидам присутна за вториот круг од селекцискиот процес, па прв пат кога го видов Даниел беше кога го гледав неговото „Ова сум јас“ видео пред третиот круг. Во видеото тој месеше леб додека ни кажуваше за неговите интереси и стремежи. Не сум баш некој пекар ама знам дека, за да нарасне тестото, треба топлина, да го погодиш размерот на состојките, па да бидеш трпелив. Ми се чини дека Даниел пристапува кон животот како пекар.
Кога бил мал, Даниел бил срамежлив и повлечен. Во последните неколку години забележал позитивни промени – почнал да биде поопуштен и да си ги искажува ставовите со самодоверба. За да го постигне тоа, тој почнал да пробува нови работи и да излегува од навиките и околностите коишто му биле познати и удобни дотогаш. Почнал да волонтира – има волонтирано во детска болница, училиште за слепи и слабовидни ученици, и на други волонтерски настани. Овие искуства допринеле тој да се труди да биде активен член на неговата заедница. Даниел вели дека сфатил колку луѓето не се свесни и информирани за работи што не се дел од нивниот живот. Една критика којашто тој ја имаше за тие волонтерски искуства беше дека најголем дел од настаните се случуваат околу зимски празници – „зошто да не обрнуваме внимание кон луѓето во секој дел од годината?“, рече Даниел. Не му се допаѓа кога работите се површни.
Нешто што многу му помогнало да се развие интелектуално се дебатите во Младинскиот образовен форум (МОФ). Трпеливо научил како да аргументира мислења со коишто не се согласува и да гледа на работите од повеќе аспекти. Преку ова и истражувал информации за повеќе теми што му помогнало да оформи цврсти ставови. Една тема што многу му е важна на Даниел е еднаквост во пристап до образование. Во текот на селекцискиот процес ни зборуваше за нееднаквостите помеѓу скопските училишта и другите градови низ Македонија. Елоквентно ни објасни кои причини смета дека штетат на развојот на образованието и ни даде примери од други делови од светот од коишто би можеле да научиме.
Додека обрнува внимание на нееднаквостите, Даниел е многу посветен кон личниот образовен развој. Одамна му одат биологија и хемија, па сака да продолжи да се надоградува во тие полиња и на UWC. Веќе има одлучено кои предмети сака да ги земе, а и размислува за различни потенцијални студии после UWC. Во идеално сценарио, тој сака да се занимава со медицина. На неколку пати сподели дека има сон да стане дел од Doctors Without Borders, за да може да помага каде и да е најпотребно. Верувам дека ќе биде одличен каде и да го однесе професионалниот пат.
На понесериозна тема – Даниел ми кажа дека многу често муабетите што ги има во последно време изгледаат вака: „Одиш во Њу Мексико? Имаш гледано Breaking Bad?“. Без грижи – како скорешен фан можам да потврдам дека искуството на Даниел на UWC USA нема да наликува на дејствието на серијата. Истовремено можам да претпоставам дека со секој нов ден и предизвик поминат таму ќе доживува слична возбуда како чувството кога сакаш да продолжиш да гледаш САМО уште една епизода. Можам да пишувам уште многу за Даниел, но мислам дека ова е доволно за да ја наслика посветеноста и добрината што тој ја зрачи и ќе ја понесе со него на UWC USA. Знам дека ќе се вклопи во новата средина и се надевам дека ќе имам шанса да го посетам – farewell!
Јана Кралева, јули 2025