Премини на содржината ↓

Анабела Ал-Аббаси

5 August 2025

шири топлина

Мравките се дел од организиран систем. Тие имаат свои соби, општества, цивилизации. И си веруваат меѓусебно – некогаш толку многу што го создаваат таканаречениот „круг на смртта“: феномен во кој стотици мравки чекорат една позади друга се додека не загубат здив.

Анабела ми го сподели ова кога ми објаснуваше што претставува торбата која ѝ е драг спомен од кафулето Буква. Емпатијата со којашто зборуваше за мравките е одлик на нејзиниот карактер, нејзината грижа за останатите, и разбирањето дека луѓето се само една мала алка од мозаикот наречен свет. „Луѓето и природата се поврзани: каде и да погледнеш, дали на стеблата или листовите, наоѓаш белег од човекот“, вели таа. Сечиј живот го вреднува подеднакво и напоменува дека љубовта со која пристапуваме кон малите суштества ги опишува нашите најважни особини.

Првпат ја запознав за време на интервјуто во вториот селекциски круг, каде уште веднаш ми го исполни срцето кога зборуваше со срце за убавината и разликите на македонските дијалекти и говори. Љубовта кон јазиците ја негува уште од мала возраст низ неколкуте јазици кои ги познава, но и преку проектите во кои што е вклучена. Ги истражува компаративните разликите помеѓу јазиците во семантичка, но и во морфолошка смисла – па како пример ми посочи за соодносот помеѓу македонскиот и англискиот, како и францускиот и италијанскиот јазик.

Низ Скопје, Анабела е во потрага на уметноста и убавината. Можете да ја најдете на свирки, изложби, и претстави. КEM ѝ е омилен бенд, а најмногу ѝ се допаѓа пристапот на македонските млади изведувачи: „можеш да им пристапиш, да ти помогнат, да ти ја свират во живо омилената песна“. Анабела ќе рече: „Скопје и Македонија имаат музика и душа“. Уметничкиот ген го добива од баба ѝ, која дел од својот живот го поминала во матријархатска етничка заедница во Кина, па сега ги пренесува своите искуства преку нејзиниот уметнички опус. 

Авантуристичкиот дух го развива секојдневно, па кога нејзините чичко и тетка имале волонтери-гости од Маврициус и Италија, Анабела била таа која го поттикнувала адреналинот. Станале во 4 наутро, само за да може да го искусат изгрејсонцето на Матка – понеле праски, вода, многу среќа, отвореност, и добра енергија. Со нетрпение очекува да ги пречека своите другарчиња од UWC во Скопје со „младо козјо сирење, македонска моцарела,  и фалафел“. 

Ќе речеме дека секој ученик може да се вклопи во секој UWC колеџ. И вистина е, но нејзината љубезност, отвореност кон градење заедница со познатиот и непознатиот, љубовта кон природата и луѓето, адреналинот, и отвореноста за запознавање на нешто толку ново, е причина да се гордеам што мојот дом во Танзанија ќе биде и нејзин. 

Сите ние сме мравки и чекориме една позади друга. Анабела е една од нив. Но наместо чекорејќи единствено напред и следејќи ја мравката пред неа – нејзината љубов, емпатија и топлина секогаш подаваат рака на мравката позади неа. Мечтаеме за еден таков круг, а дотогаш, на Анабела ѝ посакувам да продолжи да ја шири својата несебичност со светот.

 

Марко Инѓилизов, 2025