Премини на содржината ↓

Елена Жаков

2 September 2022

се познава себеси

Откако прашањето “што” е одговорено, Елена не запира, туку продолжува со “зошто”. Ова ѝ дозволува да дојде до коренот и да ги разбере меѓувлијанијата на нештата, вклучувајќи ги и луѓето во својот живот. Таа разбира зошто е онаква каква што е – на кои начини ѝ влијаело семејството, како стекнала навика да чита поради татко ѝ, каков ефект има општеството во Македонија кон нејзиниот светоглед, дури и како изучувањето на странски јазици како француски ја поттикнало да го цени македонскиот повеќе. За време на нашиот разговор летово, самата ми посочи како повеќето од карактерните особини на човекот може да се проследат до влијанија од првите 7 години на нивниот живот. Затоа е крајно соодветно што Елена цели да помага на други да стекнат вакво “себе-познавање” – таа сака да биде психотерапевт.

Природна последица на ваквото својство на Елена е што силно ги цени луѓето околу неа, како и средината. Ми откри дека пред заминувањето во Мастрихт, ќе одржи една последна проштална забава со пријатели и семејство (на македонски начин – во кафана!) и ќе се осигура со внимание да се поздрави со сите. Паралелно, го вреднува времето поминато во Македонија, што ми е очигледно според радоста со која ги опишува природните богатства, а има план со пријатели да направи тура околу државата. Елена верува во својата посветеност да остане поврзана со македонскиот јазик и од странство – ова дури и го смета како обврска за секого.

Сепак, немам ни почнато да ја опишувам една од главните одлики на Елена – таа силно гравитира кон анализирање на општеството околу неа, а од тука извираат нејзините уникатни мислења. За време на нашиот краток разговор, со студена зрелост ја опиша (не)значајноста на студентските совети во вистинското донесување на одлуки, иако има искуство со успешни иницијативи додека самата била член. Дополнително, критично проанализира медиумски практики кои се осмислени да поттикнат силни емоции. Претходно ни ги збогати селекциските интервјуа темелно објаснувајќи ни демографски трендови и опишувајќи ни го убедувањето за епистемолошката супериорност на анкети како главен дел од академските истражувања во психологијата. Елена го има “сконтано” соодносот меѓу единката и заедницата – оттука, нејзиното познавање на себеси и на општеството се симбиотички поврзани.

Како што се наближува денот на нејзиното заминување во UWC Maastricht – колеџот на кој јас матурирав – јасно ми е дека веќе во секојдневниот живот ги има истите разговори кои ги помнам од конференции во Мастрихт. Затоа, возбуден сум за новите етапи на личен развој кои и претстојат на Елена во средина дизајнирана да ги поттикне.

Илија Личковски, август 2022