Премини на содржината ↓

Георгина

9 July 2021

и карактерните контрадикции

    Ако некој ме прашаше да се опишам во периодот кога -- во далечната 2013-та, на моја 15-годишна возраст -- дознав дека ќе одам на UWC, јас ќе понудев многу одговори. Премногу одговори. Доволно за да зборувам за себе со часови. Еве го, за контраст, одговорот на Георгина на слично прашање: „Не сакам да се опишувам себеси до толку. Не мислам дека можеш толку да се дефинираш самиот себеси… Мислам дека луѓе многу грешат кога се опишуваат, бидејќи што и да кажеш нема да е целосна вистина“. Можете да си претставите дека пишување профил за девојка која ужива во двосмислености не е најлесната задача.

    Мислам дека Георгина избегнува да се категоризира бидејќи, всушност, има неколку Георгини кои излегуваат на виделина во зависност од околностите. Првата верзија ја воочив уште во ноември, кога го прочитав креативниот есеј во нејзината апликација. Во него, Георгина опишува ТВ шоу каде научници се обидуваат да си најдат животен партнер и затоа се додворуваат со фрази како јас мора да сум алкален метал, а ти мора да си халоген, бидејќи би сакала да оформиме (јонска) врска! Ваква е Георгина во опуштени околности, кога себеси би се опишала со англискиот збор goofy. Ова е верзијата која беше присутна во голем дел од нашата прошетка (и која, откако се излизга на мократа земја, од сесрце се изнасмеа). 

    Но, понекогаш, можеби ќе се сретнете и со меланхоличната Георгина. Ова е верзијата на средношколката која длабоко размислува за нејзините чувства и која уште на рана возраст одбивала покани за играње надвор бидејќи преферирала да бои сама. Не е зачудувачки што во оваа форма, Георгина почнува да пишува поезија, па при крајот на првата година од средното образование успева да издаде збирка поеми. Поезијата ја има опишано како “духовен протест и единствена вистинска магија што ја поседува човештвото“, и со тој пристап твори стихови како:

„...Често разговарам
прашално со водата
барајќи ѝ да ме вдоми
во своите солени одаи
а таа често ми враќа -
вивнувајќи ме во воздух...“

    Двете Георгини можеби изгледаат како да се во конфликт. Опуштената, нели, се внурнува во разни предизвици -- во петто одделение, гордо испеала самокомпонирана песна пред наставничката по музичко, пред да биде културно замолена повторно да се обиде да се приклучи на хорот следната година. Интровертната, пак, собира спомени, од белешките од првата дебата, до билети за музеи и разгледници. Повеќето ги чува во тетратка, ама некои -- часовник што му припаѓал на поетот Анте Поповски -- имаат посебно место на нејзината полица. 

Мислам дека Георгина избегнува интерен конфликт бидејќи одбива да прифати само една категоризација, одбива да се опише како само едно нешто. Има согледано дека е возможно -- всушност, можеби и корисно --  да прифатиш понекогаш контрадикторни идеи. Можеби таа способност е заслужна за дебатните успеси на Георгина, која лани победи на Националното дебатно првенство, а годинава беше второпласиранот говорник. 

     Токму затоа што може да биде многу работи одеднаш, верувам дека Георгина ќе има формативно искуство на колеџот во Канада. Сигурен сум дека ќе излезе од него со многу материјал за идна поезија, а во меѓувреме, ќе ја наполни својата тетратка со разгледници од целиот свет. 

 

Бобо Станковиќ, јуни 2021