Премини на содржината ↓

Елизабета Ѓоргоска

24 August 2020

Нордиски СОК на Црвениот Крст, 1998-2000

UWC ми беше првата станица надвор од Македонија и отскокна даска до квалитетно образование и спознавање на шареноликото глобално селце, што ми беше желба од мали нозе. 

По UWC, слетав во САД, каде студирав како стипендист на Дејвис програмата на Колби Колеџ (Colby College) во државата Мејн. Продолжив со магистерски студии на Школата за јавно здравје на Харвард (Havard School of Public Health) во Масачусетс. Се вработив во бутик консултантска фирма и советував фирми во фармацевтската индустрија како да ги комерцијализираат своите продукти на пазарот. Од пред пар години работам за биотек компанијата Гилеад која може да се пофали со првиот лек одобрен за Ковид-19, Ремдесивир.

Моментално живеам во сончевата Калифорнија со партнерот Михалис и двете синчиња, Лиам и Аксел. Со мојата багра уживам во патувања низ светот, прошетки во природа и дружење со пријателите. 

Во UWC запознав прекрасни ликови од кои дел ми останаа блиски пријатели до ден денес. Покрај многубројните помали средби, досега се имам вратено во Норвешка два пати, на собиранките за 10 и 20 години од матура. Стискам палци традицијата да продолжи уште многу години и еден ден моите деца да станат дел од семејството на UWC. Иако многу работи се имаат променето откако прв пат стапнав во Флеќе, мило ми е што идеалите на UWC остануваат исти и се длабоко врежани во многу од нас. 

Tagged RCN 2000