Премини на содржината ↓

Анита Димова

4 August 2020

Пирсон UWC на Пацификот, 1986-1988

Здраво, јас сум Анита и задоволство ми е што сум дел од сè поголемата екипа на алумни на UWC. 

Учев во Лестер Б. Пирсон колеџот во Канада, како претставник од тогашната Република Југославија. Во време кога немаше интернет и нашите информации и познавања на светот околу нас беа многу поограничени, можноста да се отпатува далеку, да се запознаат врсници од сите делови на планетава и да се живее со сите искушенија што ги носи живеењето во еден од Обединетите светски колеџи беше неверојатна привилегија и незаборавно искуство.

По завршувањето на моето средно образование во колеџот се вратив дома и продолжив со студии на електротехничкиот факултет при универзитетот Св. Кирил и Методиј во Скопје, каде дипломирав во 1993 година.

Работното искуство го започнав како наставник по информатика во две средни училишта, но набрзо станав дел од информатичкиот центар на министерството за одбрана и од 1998 година сум во секторот за информатичка технологија на Комерцијална банка ад Скопје.

Мажена сум и мајка на две ќерки.

И може некој ќе се запраша каде е духот на колеџите во ова скромно животно писание?  А јас сакам да кажам дека тој е тука во секој дел од живеењето. Тој е присутен во доживотното другарство со Илка од Германија, моја поранешна цимерка од колеџот, која е вљубена во Македонија и предава за неа на својата катедра по антропологија во Канада.  Тој е присутен во континуираната и активна комуникација со моите поранешни соученици по социјалните мрежи. Тој е присутен во вредностите кои им ги пренесувам на моите деца. Присутен е во сите мои животни одлуки и убедувања, во потребата да се биде вечен поборник за правичен свет и свет кој ќе ги обединува различностите.