Премини на содржината ↓

Промисленост

21 July 2020

Дамјан Филиповски, Италија

Идеите на Дамјан се промислени. 

Пред да одговори, Дамјан зема мала пауза за да размисли. Израснат во Куманово, ми спомна дека родниот град му е дел од идентитетот, а кога апликацијата за СОК го праша кои јазици го зборува, Дамјан ни одговори „Македонски (кумановски дијалект)“. Неговата промисленост е очигледна кога ми ги објаснува јазичните разлики помеѓу литературниот македонски и разговорниот кумановски, кој има задржано дел од падежите што може да се најдат во југот на Србија. 

„Запазувањето на вакви разлики им дава значење на секојдневни работи. Има ли нешто посекојдневно од начинот на кој некој зборува?“ Фактот дека Дамјан навистина обрнува внимание на светот околу него не е само очигледен кога зборува за лингвистика. На речиси секое прашање, тој дава неколку алтернативи. Знае дека на Колеџот на Јадранот ќе избере математика и физика на високо ниво. Но, кажувајќи ми за опциите за општествени науки, Дамјан ми посочува листа на придобивки за секоја од нив. Истото се случува и во разговорот за воншколски активности: кајакарење, едрење, планинарење и Модел Обединети нации, сите беа на листата на можности. Ќе почека да стигне на колеџот пред да ја донесе финалната одлука.

По образованието во Италија, Дамјан се гледа себеси во Америка. Или во Европа. Има добри страни за повеќето опции. И скромно, Дамјан најчесто вели „само ’не знам’ ти кажувам.“ За да ја одржи промисленоста која е толку карактеристична за него, Дамјан активно бара нови идеи. Само што ја прочитал „Големиот Гетсби“, и гледал филм за Виетнамската војна (кој му оставил впечаток заради начинот на кој ја претставува еволуцијата на главниот лик). 

Дамјан чита „буквално се’ и сешто“ на интернет. „Некогаш само ќе залутам“, ми кажа додека ми објаснуваше за текст што го прочитал од областа на музичката теорија, кој звучел интересно иако не успеал сосема да го разбере. На тој начин го надополнува и средното образование кое досега го има добиено во Американската гимназија во Скопје. Отвореноста кон нови идеи го прави поподготвен за претстојното искуство во Дуино, и затоа веќе има запознаено дел од идните соученици. „Многу кул ликови. Во секој поглед има некој кој се истакнува“. Со нив сака да ги сподели аспектите на својата држава кои нему му се најинтересни, како демографската мешавина и културните обичаи.