Премини на содржината ↓

Љубопитност

21 July 2020

Артан Кадриу, Сингапур

Умот на Артан е љубопитен.

Како што зборуваме, скока од една идеја кон друга. Тој е начитан и принципиелен седумнаесетгодишник: го анализира филмот „Snowpiercer” (се работи за метафора за социјална сегрегација) и ми раскажува за политички теории за демократскиот процес.

Неговата приказна започнува во Морани, село во околината на Скопје. Тој бил израснат во тесно поврзана заедница, каде секој се знае со секого и луѓето се поздравуваат меѓусебно на улица. Начинот на кој го опишува своето село потсетува на друга мала заедница – Светски обединет колеџ. Во Морани, голем дел од неговото детство било ценење на природата. „Кога бев дете, беревме лубеници,“ ми кажува. Тој е возбуден да ја оддржи таа врска со своето село дури и како што го започнува својот пат кон Сингапур.

Пред да се качи на автобусот во шест часот наутро кон „Зеф Љуш Марку“, неговото училиште во Скопје, Артан често знаел да се прошета низ околната шума. Гледајќи го изгрејсонцето му влевало мир („Секогаш бев смирен после тоа“), што му помагало во средина каде често се издвојувал од другите.

Артан љуби да чита. Во неговата апликација, ги споменува книгите кои го научиле да ислуша пред да проговори. Поттикот да учи доаѓал одвнатре, иако неговите врсници често не го поддржувале. Но, пронашол начини да ја искористи својата љубов кон читањето за да ја изгради заедницата околу него. Во шесто одделение, донел книга од серијалот „Хари Потер“ на училиште. Другите ученици ги гледале филмовите, но не знаеле дека постои и книга, па Артан ги охрабрил да ја прочитаат. Ова започнало аваланша на интерес – децата доаѓале со него во библиотеката во Скопје да продолжат да читаат. Неговата сестра, сѐ уште во основно училиште, слуша како наставниците го споменуваат неговиот труд дури и сега.

Иако не е сигурен кога ќе оди на Колеџот за кој е одбран – обработката на визите за Сингапур е сѐ уште запрена – Артан има јасна визија. Ги знае своите предмети (меѓу кои се глобална политика, физика, и неговиот мајчин јазик, албански), и можеби би сакал да студира во САД. Таканаречената „liberal arts” програма, каде може да изучува повеќе области одеднаш, навистина ѝ годи на неговата љубопитност.

Го прашав дали планира да се врати дома. Без двоумење, Артан рече „се разбира!“ Има многу да се направи во неговата домашна заедница, вели тој, особено во јавниот образовен систем. Откако наброи неколку предложени реформи – намалување на бројот на предмети и подобрување на квалитетот на наставниците беа на врвот на таа листа – Артан ми кажа за неговото убедување дека и другите треба да се вратат. „Тука најчесто го одбираме лесниот пат,“ вели тој. Но, промената ќе бара жртви. Користејќи го познатиот цитат на американскиот претседател Кенеди - не прашувај што твојата земја може да направи за тебе – Артан се надева дека и другите ученици кои ја добиваат можноста да се образуваат надвор ќе се вратат во своите домашни заедници.


Како што привршувавме, му понудив на Артан прилика да испрати порака до себе во иднината. Тој беше краток: „Не ги заборавај целите кои си ги поставил.“

 

07/21/2020