Премини на содржината ↓

Процес на аплицирање

Aплицирајте!

Апликацијата за генерација 2021-2023 затвори на 23-ти Ноември, 2020-та година! Оваа есен ќе се отвори апликацијата за генерација 2022-2024.

Критериуми за аплицирање

За да аплицирате преку Македонскиот национален комитет, треба да ги исполнувате следните критериуми:

  • Да бидете во втора или трета година средно училиште
  • Да имате Македонско државјанство или да сте живееле во Македонија во последните 5 години
  • Да имате основни познавања на англискиот јазик

Краток преглед на апликацискиот процес

Селекцискиот процес секоја година се состои од три круга.

Прв круг (10% од финалната оценка): 

Апликацијата се објавува на почетокот на есента. Истата може да се пополни на македонски, албански или англиски јазик. Рокот за аплицирање е 20-ти Ноември, 23:59 часот. До крајот на декември, највисокорангираните апликанти добиваат покана за учество во вториот круг.

Втор круг (30% од финалната оценка) 

Составен од поединечни интервјуа на македонски и англиски јазик, како и од групни интерактивни активности на двата јазика, овој круг секоја година се одржува во текот на првата недела на јануари. Учеството во него е задолжително за секој апликант кој сака да биде земен предвид за пласман во третата (финална) рунда. Апликантите чиј мајчин јазик не е македонски имаат можност да одберат да бидат интервјуирани исклучиво на англиски јазик и на двете интерјвуа, но македонскиот јазик ќе биде доминантен барем во дел од групните активности.

Трет круг (60% од финалната оценка): 

Апликантите со највисоки композитни оценки од првите два круга (15% од прв круг, 85% од втор круг) добиваат покана за Зум интервјуа кон средината на февруари. Во пресрет на овие интервјуа, апликантите се задолжени да направат видеа (не подолги од 3 минути) за својата личност, интереси и животна филозофија. Видеата се користат како основа за содржината на Зум интервјуата. Апликантите сами одбираат на кој јазик ќе ги снимат видеата, при што тие треба да имаат превод на македонски или англиски доколку не се снимени на еден од овие два јазика. Апликантите исто така бираат дали Зум интервјуто ќе биде на македонски или англиски. Изборот на јазикот не влијае на оценката. Апликантите се охрабруваат од понудените два јазика да го одберат оној со кој можат најдобро да се изразат.

Конечна одлука 

По завршувањето на третиот круг, UWC Macedonia носи финална одлука за тоа на кои кандидати ќе им бидат доделени понуди за да учат на UWC. На секој кандидат, по редослед одреден од финалните оценки, му се нуди стипендија соодветна на финансиската состојба на неговото/нејзиното семејство. По прифаќањето на истата се поднесува номинација до соодветниот колеџ, каде таа треба да биде потврдена. На кандидатите за кои не сме во можност да обезбедиме соодветни стипендии на колеџите обично им нудиме места на UWC кратки курсеви и летни школи (UWC Short Courses and Summer Programmes). Селекцискиот процес официјално се затвора кон крајот на април.